Требаше да се појави Мурад Рамазанов (31 година) за да внесе славје и радост во македонскиот боречки спорт. Минаа речиси пет години од освојувањето на последниот трофеј на Македонија меѓу најдобрите “мајстори на душекот”, што и го донесе Могамед Ибрагимов, со “бронзата”, во категорија до 85 кг на Олимписките игри во Сиднеј во 2000 година. Симпатичниот, ново добредојден македонски државјанин, поранешен руски репрезентативец и шампион ни пренесе навистина пријатни емоции по освојувањето на бронзениот медал на европското првенство во Варна. Тој вчера имаше прием во Македонскиот олимписки комитет, каде што му беше направена чест од раководството, а се сретна и со македонските новинари, кои имаа можност да го запознаат. Рамазанов истакна дека е среќен што на Македонија и носи медал по голема пауза, а се заблагодари за интересот од медиумите и на нашите најрелевантни спортски институции: – Ви благодарам на сите кои верувавте во мене. Навистина сум задоволен од постигнатиот успех, но, морам да истакнам дека ми е многу жал што поради судиските грешки не стасав во финалето. Силно чувствував дека сум апсолутно подготвен и за златниот медал, но таков е спортот. Се надевам дека веќе на наредниот голем настап, на Светското првенство, ќе имам можност да докажам дека бев во право. Нашиот интернационален судија, Љупчо Јанев, објаснуваше дека судиите, поради неправдата кон Рамазанов, најверојатно ќе бидат казнети од страната на ФИЛА, а изјави дека нашиот борач, според прикажаните супериорни борби во Варна, од страната на своите колеги бил наречен најдобар во светот во овој момент. (С.Х.)