Вчера во Варна почна сениорското Европско првенство во борење, слободен стил, на кое, во исклучително силна конкуренција учествуваат и двајца репрезентативци на Македонија. Во утринските елиминации, Горан Атанасов, во категоријата до 74 килограми беше елиминиран по поразот од Турчинот Ѓелхан Ахмет, но Мурад Рамазанов, во категоријата до 60 килограми имаше извонреден настап. Рамазанов, кој првпат официјално ги брани боите на Македонија, во утринските борби постигна две убедливи победи против Бугаринот Сафет Ферад (3:0) и Романецот Петру Тоарче (3:0). Тој во репасажот, влезе со најдобар скор, меѓутоа загуби од Французинот Дидие Паис (1:3), по што се пласираше во борбата за бронзениот медал. Рамазанов, вчера во вечерните часови, за кога беа закажани финалните борби, се бореше против Унгарецот Гергељи Шабо, а во случај на победа ќе се закити со бронзениот медал. Поразот за Рамазанов ќе значи освојување на петтото место, исто така исклучителен резултат, ако се знае дека на првенството во Варна во конкуренција се дури седум олимписки шампиони од Атина во 2004 година. (С.Х.)