Скудерија Ферари синоќа и официјално потврди дека Кими Раиконен станува нивен возач од 2007 до 2009 година, а во првите две сезони друштво ќе му прави Фелипе Маса. И двајцата беа откриени како млади таленти, по што добија шанса да се усовршуваат во Заубер, кој тогаш користеше Ферари мотори. Кими по само една сезона отиде во Мекларен, а Маса дојде на негово место. Лука Бадоер останува тест-возач, додека Лука ди Монтеѕемоло откри дека и Михаел Шумахер ќе има нова улога во Ферари, односно дека останува со екипата.
Германецот од своите 16 сезони, 11 мина со Ферари, а пет со Бенетон, при што стажот со екипата на “гордото коњчеè е најдолг што е запаметен во историјата на Формула 1 за било кој возач и тим. Со деведесеттата победа во кариерата остварена во Монца, Шумахер нема да има само еден рекорд: на крајот од годината ќе има 247 настапи, а Рикардо Патрезе е на првата позиција со 256 стартови. Годинава тој го надмина единствениот преостанат рекорд во сопственост на Аиртон Сена од 65 пол позиции, стигнувајќи до 68. Сепак, Шумахер и на прес-конференцијата изјави дека не сакал да ја задржува кариерата на Фелипе Маса, бидејќи неговата иднина зависела од неговата, што значи потврдување на шпекулациите дека Кими претходно потпишал за Ферари и дека тој одбрал да не биде тимски колега со него.
– Секогаш велев дека одлуката за повлекување ќе биде само негова – тврди Монтеѕемоло кој во јавноста говореше дека Шуми може да продолжи да вози за нив додека сака да биде во Ф1.
– Неговата релација со екипата во Маранело ќе продолжи во друга форма и јас сум среќен поради тоа. Тој е автор на уникатно поглавје од нашата историја, рече Жан Тод заблагодарувајќи му се за верноста кон Ферари.