Работниците од прилепски „Еурокомпозит“ денеска во центарот на градот го искажаа, како што велат, своето разочарување што на Собранието не помина амандманот за да се одвојат средства за исплата на заостанатите придонеси од буџетот за 2021 година.

Според Роберт Богданоски, претседател на синдикатот при „Еурокомпозит“ разочарувањето е големо и нерешавањето на нивната ситуација ги тера да протестираат.

– Крајно сме разочарани што не е прифатен од пратениците амандманот. Ние баравме, тоа е наше барање, а не од ВМРО-ДПМНЕ: те во наше име го поднесоа. Иако очекувавме од пратениците да нè поддржат, тоа не се случи и нема пак да се реши нашата тешка состојба. Ова нè принудува да преземеме поригорозни чекори и да протестираме пред владата, рече Богданоски.

Работниците од „Еурокомпозит“, сегашни вработени и прогласените технолошки вишок, најавуваат дека ќе ја тужат владата за неспроведување законско решение.

– Бараме соодветен адвокат и се подготвуваме да ја тужиме владата. Не ни преостанува ништо друго, вели Богданоски.

На вкупно околу 320 работници од прилепски „Еурокомпозит“ не им се платени заостанати придонеси за 6,5 години во висина од околу два милиона и 800 00 евра. Работниците имаат неисплатени и заостанати плати и отпремнини за технолошки вишок.