Претседателот на германската Федерална канцеларија за заштита на Уставот (BFV), Ханс Георг Масен предупредува дека радикалните исламисти – салафистите се обидуваат да регрутираат сунатски муслимани меѓу бегалците во Германија, при тоа нудејќи им помош.

-Ние го следиме однесувањето на салафистите како филантропи и хуманитарци кои постојано се обидуваат да стапат во контакт со бегалците. Токму поради тоа тие ги покануваат во одредени џамии каде подоцна ги регрутираат за свои потреби, изјавил Масен.

Тој ги минимализирал стравувањата дека Исламската држава може да се обиде да испрати свои терористи во Германија кои ќе бидат преправени во бегалци. Впрочем, Масен истакна дека Федералната разузнавачка служба будно ги следи трагите и досега не нашле никакви знаци кои индицираат на вакви активности, пишува Ројтерс.

-Патиштата по кои се движат бегалците се опасни за терористите, бидејќи на овој начин тие ризикуваат смрт или можност да бидат откриени, истакнува Масен.

Ројтерс пак, пишува дека експертите за безбедност го истакнуваат ризикот од терористичките групи како Исламската држава кои веројатно криумчарат екстремисти во Европа при тоа искористувајќи ја ситуацијата и големиот бран на бегалци. 

Германската влада годинава очекува околу 800 илјади бегалци, пред се муслимани од Сирија, Ирак и Авганистан.