x

Работнички во Муарем доби супер засилување!

Вчера попладнето како “бомба“ одекна веста, која СПОРТМЕДИА ексклузивно ја објави, дека Муарем Муарем е нови име во таборот на Работнички. Дека по осум години се враќа во Градски парк. Велиме како “бомба“ само поради фактот дека никој, или ретко кој претпоставуваше дека токму “романтичарите“ ќе му ја дадат шансата на Муки да се врати по двегодишната пауза, пауза од познати причини. Шанса која ако Аријан Адеми ја доби, зошто да не и Муарем, извонредниот играч за врска. Јасно е дека тој до 23 јули не смее да биде со екипата, да тренира, но има време, Муки е премногу искусен и квалитетен и затоа се очекува за еден месец се врати во форма, и од септември стратегот Ратко Достаниќ со него има во тимот екстра квалитет.

Колку за потсетување, Муки во својата кариера играше и за репрезентацијата на Македонија, играше и за Скопје, секако Работнички, потоа имаше богата и успешна интернационална кариера во Турција, Азербејџан, Албанија, Казахстан, за да во дресот на Шкупи на двомечот со Глазгов Ренџерс, му се случи тоа што му се случи.

Очигледно дека потегот кој што го направи претседателот на „романтичарите“ Драган Поповски, ги изненади сите, цела јаност во фудбалска Македонија, но тоа не е ништо ново од него. Знаел тој и претходно да донесе искуство и квалитет во своите редови.

Сега е Муарем на потег. Ќе треба прво добро да се подготви, да се запознае со работата на строгиот Ратко и секако да покаже зошто е донесен.

А Работнички со Муки, со Драган Стојков кој вчера го продолжи договорот, Џордан, Јевтоски, мега талентираниот Тодоровски, Милош Тошевски, Шаркоски… и можеби уште едно или две засилувања, ќе има одличен среден ред, ќе располага и со квалитет и со квантитет за најголеми дострели во ПМФЛ во следната сезона.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата