Половина од вработените во “Ладна валалница”, што е дел од погоните на “Митал стил”, веќе втор ден штрајкуваат на своите работни места незадоволни од условите за работа што им ги наметнаа индиските сопственици. Тие, како што е објавено на интернет страницата на синдикатот на “Митал стил”, се жалат дека немаат склучено договори за работа според новиот Закон за работни односи дека не се почитува работното време и ноќната работа. Зоран Јовановиќ, претседател на синдикатот во “Митал стил” вели дека бараат утврдување на најниската плата и примена на сите одредби од Колективниот договор потпишан со нивниот работодавец. – Работниците во Валалницата се само потрошен материјал. Не само што условите за работа се тешки и се работи и по две смени, газдите ги преместуваат работниците од едно работно место на друго. Се работи непрекинато и по 30 денови, а не се даваат ниту годишни одмори. Од премор, работниците ја губат концентрацијата, паѓаат и се повредуваат. Нема дури ни доволно заштитна опрема за работниците – вели синдикалецот Јовановиќ. За случувањата во “Митал стил” синдикатот редовно ја информирале Трудовата инспекција, која топката ја префрла на судот бидејќи не ги решава нивните пријави. Вработените веќе три месеци бараат средба и со министерот за труд, Стевче Јакимовски. Во фабриката се работи под закани и под голема тортура, обвинува синдикатот и наведува дека на местото на штрајкувачите се носат необучени лица. И покрај тоа, штрајкувачите велат дека ќе истраат во нивните барања. Светскиот гигант “Митал стил”, во 2004 година стана сопственик на погоните на поранешна Железарница, “Ладна валалница” и “Валалница за ленти”.


Андреја Серафимовски