На 26-ти Август 2016 година, на редовната седница на Надзорниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, беа презентирани резултатите од работењето на НЛБ Групацијата во првото полугодие од годината. На седницата се усвои и Стратегијата на НЛБ Групацијата до 2020 година.

НЛБ Групацијата во првото полугодие од 2016 година оствари 69,5 мил. ЕУР добивка по оданочувањето, што е за 30 проценти повеќе отколку во првата половина од 2015 година. На тој начин таа веќе десетти квартал последователно заврши со позитивен резултат.

Со добивка работеа сите банки, членки на НЛБ Групацијата и ја подобрија профитабилноста во однос на истиот период минатата година. Повеќе детали за работењето на НЛБ Групацијата се достапни во Извештајот за 1-то полугодие од 2016 година, објавен на 26.08.2016 година.

Во областа на клучните активности од работењето (работење со населението, со големи, средни и мали претпријатија во Словенија и работењето на коминтенти на странските пазари) добивката на НЛБ Групацијата се зголеми за 10,5 милиони евра, односно за 18 проценти во однос на истиот период минатата година. Нефукнционалните кредити во првата половина од 2016 година се намалија за 146,3 милиони евра и на 30-ти јуни 2016 година изнесуваа 1,75 милијарди евра.

НЛБ Групацијата на крајот од јули 2016 година покажува високо ниво на адекватност на капиталот во висина од 16,6 проценти и добра ликвидносна позиција. Една од најважните цели останува постојаното подобрување на квалитетот на кредитното портфолио со акцент врз квалитетот на новите пласмани и дисперзираноста на портфолиото.

Во однос на идната стратегија, НЛБ Групацијата е насочена кон подобрување на искуството на корисниците, оптимизација на понудата на продукти, поедноставување на банкарските системи и работењето, како и засилување на дистрибутивните канали и капацитети.

Обновувањето на стратегијата вклучува и целосно осовременување и надградба на информатичките системи, со што НЛБ Групацијата ќе обезбеди поеластична, поагилна и трошковно поефикасна ИТ структура. Раководството на НЛБ Групацијата верува дека на тој начин соодветно ќе се подготвиме за предизвиците на дигитализацијата и другите предизвици, со коишто се соочува банкарството.