Кина предлага Северна Кореја да се откаже од ракетно-нуклеарната програма во замена за прекин на заедничките американско-јужнокорејски воени вежби, изјави во средата на прес-конференција во Пекинг кинескиот министер за надворешни работи Ван И.

Тој ја спореди ескалацијата на тензиите на Корејскиот Полуостров со „два воза, кои се побрзо се движат еден кон друг и ниту еден не сака да се тргне од патот”.

– Навистина ли двете страни се подготвени за директен судир? Наш приоритет е да го вклучиме црвениот семафор и да ги притиснеме сопирачките и на двата воза, истакна шефот на кинеската дипломатија.

Според него, отстапките од двете страни можат да помогнат за излез од безбедносната дилема и да ги врати земјите на преговарачка маса.