Како што истакна Димитар Петров, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), во извештајот се дадени детални податоци за 2015, 2014 и 2013 година за надлежностите на РКЕ за електричната енергија, природниот гас, топлинската енергија и нафтата и нафтените деривати, а посебен дел има и за обновливите извори на енергија (ОИЕ) и финансиското работење.

– Во извештајот има и конкретни податоци за претходните две години за да може да се прави компаративна анализа и мониторниг на енергетскиот пазар. Анализирана е состојбата на пазарот на електрична енергија, природен гас, топлинска енергија и нафта и нафтени деривати, рече Петров.

Тој посочи дека поради целосната либерализација на пазарот за природен гас од 1 јануари 2015 година, РКЕ повеќе нема обврска да ги регулира цените, а останува само обврската да се регулираат тарифите за мрежните оператори.

Прецизира дека во текот на минатата година главно цените на сите енергенси оделе по надолна линија и додаде дека лани во Македонија за неколку пати е зголемено производството на електрична енергија од ОИЕ, а на некои од обновливте извори веќе е исполнета квотата за повластени производители.

– Минатата година се пуштени во погон и првите биогасни централи со инсталирана моќ од 3,9 мегавати, ветерниот парк во Богданци со 36,8 мегавати има вкупно 101 фотоволтаична централа, 39 изградени мали хидроелектрани со што учеството на ОИЕ е нешто помалку од 10 отсто од вкупното производство на електрична енергија, рече Петров.

Членот на Комисијата Васко Ковачески од СДСМ обвини дека РКЕ наместо да биде сервис на граѓаните се става во функција на владејачката партија и енергетските компании кои имаат големи привилегии.

– Состојбата во енергетскиот сектор во Македонија кој треба да го регулира РКЕ е крајно загрижувачки. Статистиките покажуваат дека од 2003 до 2015 година од 35 до 50 проценти е намалено производството на домашна електрична енергија, а за двојно е зголемен увозот на скапа струја. ЕЛЕМ во 2003 година произвела 6.211 гигават часови електрична енергија, а во 2015-та 4.740, што е речиси 40-процентно намалување. Во 2004 година биле увезени 1.231 гигават час електрична енергија, а во 2015-та 2.655 или зголемување на 100 проценти, рече Ковачески.

Тој посочи дека РКЕ треба да понесе одговорност за ваквата состојба и го обвини менаџментот на АД ЕЛЕМ за лошо раководење на фирмата во изминатите 10 години.

– Од 2006 година цената на електричната енергија е зголемена за 100 проценти, а во август 2012 година РКЕ ја укина и дневната евтина тарифа за струјата. Сериозно е намалена и потрошувачката на големите потрошувачи кои во 2014 година потрошиле 1.986 гигават часови електрична енергија, а лани само 1.670. Дали тоа значи дека капацитетите како Југохром, Фени, Макстил,… го намалиле производството, праша Ковачески.

Крајно очајна, додаде, е и состојбата во РЕК Битола каде испадите на блоковите наместо исклучок станаа пракса и секојдневие. – Во РЕК Битола денеска работи само блокот 3, а по десетина неуспешни обиди да се стави во функција блок 1 се побара помош од стручна меѓународна компанија. Блокот 2 подолг временски период е надвор од употреба, рече Ковачески и додаде дека хидрокапацитетите се во добра кондиција и се користат како замена за термоблоковите.

Обвини и за потешкотии во ископот и транспортот на јаглен за потребите на РЕК Битола и нагласи дека поради тоа значајно е зголемена потрошувачката на мазут во термоцентралата како супститут за неквалитетниот и недоволен јаглен.

Во реплика Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не е точно оти РЕК Битола е во очајна состојба и не работи и додаде дека АД ЕЛЕМ во изминатите неколку години има вложено 25 милиони евра за подинските јагленови серии, 4,5 милиони евра за отворањето на површинскиот коп Брод Гнеотино, 17,3 милиони евра за главниот транспортен систем, 2,5 милиони евра за патот од село Новаци до копот Брод, повеќе милиони евра за модернизација и автоматизација на термоблоковите во РЕК…

– Сето тоа е направено за да му се продолжи векот на работа на енергетскиот комбинат, кој постои повеќе од 40 години, за нови 20 години. Затоа не држи вашиот обид да кажете дека немаме никакво производство на електрична енергија и да го насочиме народот дека РКЕ е виновна за тоа, рече Кузмановска.

По нејзината реплика и контрарепликата на Ковачески членовите на Комисијата од СДСМ побараа пауза од половина час по која не се вратија, а комисијата ја продолжи работата само со членовите од владејачките партии.

Претседателот на РКЕ Петров, прецизира дека во 2015 години ниту узвозот на електрична енергија за тарифните потрошувачи е зголемен, ниту, пак, цента на електричната енергија за тарифните потрошувачи, ни трошоците на ЕЛЕМ.

– АД ЕЛЕМ во континуитет ги намалува оперативните трошоци кои се признаваат 100 процентно, намалена е и количината на мазут и сето тоа резултира со ланското намалување на цената на електричната енергија за крајните потрошувачи. Количините на увезена електрична енергија треба да се поврзат со процесот на либерализација на пазарот кој во 2015 година достигна до 45 отсто. Тоа што паѓа производството на ЕЛЕМ не значи дека не ги задоволува потребите кои му се дадени како законска обврска. Она што го прочита Ковачески како увоз е вкупниот увоз во која количина влегуваат и количините кои се на слободниот пазар што се надвор од регулативата на РКЕ. Напротив трошокот за увоз на струја лани е за 100 проценти намален, рече Петров и додаде дека во 2014 година била увезена струја за 21 милион евра, а лани за 11.

ЕЛЕМ, посочи, нема обврска да набавува струја за недостатоци, туку тоа го прави ЕВН Македонија која по реализираните тендери ги има добиено цените кои се за годишно ниво и за недостатоците изнесува 46 евра по мегават, а за покривањето на трошоците од сопствени загуби и на загубите на МЕПСО по цена од 47 евра.

– Овие количини влегуваат во вкупниот процент на либерализираниот пазар. Тоа покажува дека бројките се во надолна линија, односно намалени трошоци, намалени трошоци за мазут и намалени оперативни трошоци, а трошоците кои 100 процентно се признаваат се генерално на исто ниво, рече Петров.

Членот на Комисијата Реџаил Исмаили од ДУИ побара од Петров да му каже дали се очекува ново намалување на цената на електричната енергија од јули годинава, дали ланското намалување на потрошувачката на електрична енергија за 1,54 отсто и покрај зголемената потрошувачка на домаќинствата се должи на подобрената енергетска ефикасност и дали има можност за отпишување на старите долгови пред 2006 година на граѓаните и државните институции во висина од 165, односно 20 милиони евра, кон ЕВН Македонија.

Петров му одговори дека се уште е рано и е неблагодарно да се предвидува новата цена на електричната енергија. За намалувањето на потрошувачката на електрична енергија прецизира дека лани за околу 15 проценти е намалена потрошувачката кај големите индустриски потрошувачи кои се вклучени на 110 киловолтна мрежа и струјата ја набавуваат на слободниот пазар, а има и намалување на загубите кои лани изнесувале 14,7 проценти што е многу блиску до 14 проценти што ги признава РКЕ.

За заостанатите долгови посочи дека доколку не постои судска одлука нема можност да бидат отпишани без да има финасиски импликации кај операторот.

– Во методологијата на РКЕ е точно утврден начинот на кој операторот ги сервисира долговите, поточно трошоците кои ги презема за наплата му се признаваат, а наплатените средства му се одбиваат како приход, односно не се на товар на сите останати потрошувачи. Тоа значи дека отписот на старите долгови буквбално би значел товар за компанијата кој треба да се пренесе како признаен трошок на сите потрошувачи, рече Петров.