Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, ја пушти во употреба потполно реконструираната улица „Ѓуро Ѓоновиќ“, во населбата Маџир Маало.

Улицата се реконструира за прв пат од кога е изградена и зафатот опфаќа поставување на нов слој на асфалт и нов тампонски слој на површина од 2700 метри квадратни, соопшти општина Центар.

Реконструирани се тротоарите со широчина од 2.5 метри и површина од 1100 метри квадратни и поставени се нови рабници во должина од 1110 метри. На улицата за прв пат од нејзиното постоење изведена е атмосферска и фекална канализација и постален е фекален колектор во должина од 650 метри.

„Имаше навистина ситуации кои мораше да ги решиме со соседна општина, имаше избори и тоа малку ги пролонгираше работите. Но, мене ме радува позитивниот притисок на граѓаните и жителите, но и поддршката на советниците во општината, кои правеа напори и притискаа оваа улица да биде завршена што е можно побрзо“, им порача на присутните градоначалникот Богдановиќ.

Општината најави дека покрај „Ѓуро Ѓоновиќ“, во Маџир Маало целосно ќе се реконструираат и улиците „Петричка“ и „Велешка“ за кои веќе се изготвени документациите и ќе бидат готови идната година.

извор: Makfax