Рускиот претседател, Владимир Путин денеска во новогодишна честитка ги повика Русите на единство во интерес на продолжување на развојот на земјата, а по повод дваесетгодишнината од доаѓањето на власт во 1999 година.

„Живееме во бурни и динамични времиња полни со противречности, но можеме и мораме да сториме се за Русија да напредува“, вели Путин во телевизиска честитка која ќе се емитува на полноќ, постепено како што делови од Русија ќе влегуваат во новата 2020.

„Само ако сме заедно, можеме да се справиме со предизвиците со кои се соочува нашето општество и нашата земја. Нашето единство е темел што ќе ни помогне да ги постигнеме и највисоките цели“, додава тој.

Путин ги пофали и руските предци, за кои кажа дека се херојска и непопустлива триумфална генерација, бидејќи Русија следната година ја одбележува 75-годишнината од победата на СССР над нацистичка Германија.

Последниот ден од 2019 година се совпаѓа со 20-годишнината од доаѓањето на власт на Владимир Путин – Во 1999 година, во новогодишната телевизиска честитка, тогашниот претседател Борис Елцин објави дека заминува, на општо изненадување предавајќи му ја власта во преодниот период, на неговиот наследник, премиерот Путин, тогаш малку познат и именуван само некоку месеци претходно.

Засега Путин не ги открива неговите планови по 2024 година, кога му истекува сегашниот, втор последователен мандат, по што, според Уставот, веќе не може да се кандидира за функцијта.

извор: Makfax