Традиционалната годишна конференција на рускиот претседател Владимир Путин, на која тој одговара на прашања на јавноста, нема да се одржи оваа година во вообичаен формат, но некои нејзини елементи ќе бидат додадени на големата прес-конференција што ќе се одржи во декември, изјави портпаролот на руското претседателство Дмитриј Песков.

Рускиот претседател традиционално и се обраќа на јавноста на конференцијата „Директна линија со Владимир Путин“, на која одговара на прашања што гледачите ги поставуваат преку телефон, имејл, писма или преку социјалните мрежи, пренесува ТАСС.

Дмитриј Песков рече дека претседателот сепак во последните месеци директно одговарал на прашања, па затоа и одржувањето на конференција би било излишно.

„Затоа на годишната конференција во декември ќе додадеме некои елементи на ’Директната линија’, кои му овозможуваат на претседателот да добие повратни информации од граѓани од различни региони“, рече Песков.

Путин првпат одговараше на прашањата во „Директната линија“ во 2001 година, од кога таа конференција се одржуваше постојано, а единствено не беше во 2004 и 2012 година.

Последен пат се одржа во јуни 2019 година, додека најдолгата конференција беше во 2013 година, кога траеше четири часа и 47 минути.

извор: Makfax