Според дипломатски извори, Владимир Путин планира да испрати во Сирија неколку илјади припадници на руската армија, вклучително и советници, инструктори, логистичари и техничари. Оваа информација ја објави израелскиот весник “Једиот ахронот”.

Главната цел на распоредувањето на воените трупи е борбата против Исламска држава, но и против бунтовниците на кои им е еднакво важно да го победат самопрогласениот калифат и да го симнат од власт сирискиот претседател Башар ал Асад. Доколку руската војска влезе во конфликт во Сирија, тоа многу ќе влијае врз постојната динамика на блискоисточните судири.

Овој потег на Владимир Путин би ги ставил САД и Русија во парадоксална ситуација.

Заедничката борба против Исламска држава ги обединува двете сили, но во сенка на напорите да се елиминираат џихадистите се крие и меѓусебниот “тивок судир” околу претседателот Башар ал Асад, во кој Русија и САД имаат дијаметрално спротивни аспирации.

САД веќе со години се обидуваат да го симнат од власт Асад и на чело на Сирија да доведат некоја за нив “попогодна” личност. Откако обидот да го обвинат за воени злосторства и употреба на хемиско оружје врз цивилно население падна во вода, сега на повидок е нов план.

За разлика од Русија, која од почетокот на немирите во Сирија му даваше безрезервна поддршка на претседателот Асад и на сириската војска во борбата против џихадистите, САД финансиски и со оружје ги снабдуваат бунтовниците.

Со оглед на тоа што тие се борат против Исламска држава и против Асад, САД во тоа гледаат можност со еден удар да се ослободат од два проблема.

Особено е интересен ставот на претседателот на САД Барак Обама, кој во последно време дава невообичаено меки изјави во врска со Асад, иако досега беше еден од неговите најгласни критичари.

До денес САД немаа официјално соопштение во врска со учеството на Русија во сирискиот конфликт.

– САД би сакале Русија да игра повидлива улога во борбата против терористичката група Исламска држава, изјави на редовен брифинг портпаролот на американскиот Стејт департмент Марк Тонер, јави ТАСС.

Претходно Тонер изјави дека САД и Русија во оваа фаза не водат консултации за воени можности за справување со ИД.

– Русите не покажуваат заинтересираност да дадат свој придонес во коалицијата, што се бори против ИД. Државниот секретар Џон Кери не се ни обидува да ја промени таквата руска позиција. Русите не се дел од коалицијата и не покажуваат интерес за неа. Нашите разговори со нив се водат само околу политичкиот процес во Сирија, изјави американскиот дипломат.