Истрагата покажа дека противпожарниот аларм во трговскиот центар во Русија во кој во неделата избувна пожар не работел од 19 март. Путин ваквата ситуација ја нарече криминална негрижа.

„Противпожарниот аларм не работел од 19 март и никој не се погрижил за ваквиот проблем“, изјавил претседателот на истражниот комитет, Александар Бастрикин, на состанокот со кој претседавал претседателот на Русија, Владимир Путин, пренесе „Тасс“. Тој воедно додал дека еден од чуварите во трговскиот центар заборавил навреме да го вклучи системот за гласовно предупредување.

„Не можеме да најдеме разумно објаснување за тоа, се чини дека воопшто не бил обучен“, рекол Бастрикин.

Рускиот претседател, Владимир Путин, го опиша пожарот што уби голем број луѓе и деца како „криминална негрижа и невнимание“.

„Ова се некои од причините за пожарот во трговскиот центар ‘Зимскa вишна’, при што загинаа повеќе од 60 луѓе“, изјави Путин во Кемерово.

„Ова не беше борбена ситуација или неочекувана експлозија на метан во рудник. Луѓето, децата, дошле да се одморат и релаксираат. Постојано зборуваме за демографијата, а одеднаш губиме толку многу луѓе, а поради што? Поради киминална негрижа и невнимание“, изјавил Путин.

Тој воедно им изрази сочувство на семејствата на жртвите, а неговото обраќање започна со едноминутен молк.

Пожарот во трговскиот центар во Кемерово избувна во неделата на четвртиот кат, на кој се наоѓале кино и детски забавен центар, а потоа се проширил на околу 1.600 квадратни метри. Во инцидентот загинаа 64 лица.

извор: Makfax