Утринава бил пријавен инцидент со пукање во зградата на Саудиската амбасада во Хаг, но никој не е повреден, соопшти холандската полиција, истакнувајќи дека започнала истрага, пренесува „Спутник“.

„Околу 6 часот изутринава добивме извештај за пукање во зграда на Конингинеграхт во Хаг. Никој не е повреден. Го истражуваме инцидентот”, објави твитер на хашката полиција.

Според холандските медиуми, истрелите биле слушнати во Саудиската амбасада.

Медиумите јавуваат дека полициските службеници пронашле неколку чаури пред зградата, а корисниците на социјалните мрежи објавија фотографии од дупки од куршуми на прозорците.

Мотивот за пукањето останува нејасен.

извор: Makfax