Второлигашот Турново, кој води голема борба за пласман меѓу првите четири екипи и учество во баражот за пласман во Првата лига како и во финалето на Купот, добива големо засилување. Се работи за младиот репрезентативец Зоран Балдовалиев, кој пред две сезони, како играч на Беласица и прв стрелец на Лигата, премина во словенечкиот прволигаш Публикум од Целје. Тој како позјамен играч ќе настапува за Турново во наредниве три месеца. Балдовалиев се очекува денеска да му се приклучи на Турново, кое во своите редови го врати и искусниот Зоран Андонов. На тој начин екипата пред претстојниот реванш од полуфиналето на Купот против Маџари С. и завршницата на второлигашкото првенство, значително ја засили својата екипа. (К.Т.)