Расчинетиот владика на МПЦ, Јован, завчера во Нижеполе, Битолско, во присуство на претставници на Меѓународната организација “Лекари на љубовта” од Грција, Бугарија и Србија, го промовираше формирањето на нејзиниот огранок и во Македонија. Специјални гости му беа грчкиот митрополит г. Игнатиј и бугарскиот митрополит г. Кирил кои, заедно со него, одржаа литургија и го осветија камен-темелникот на параклисот посветен на Животоприемниот извор. Посетата на “Лекарите на љубовта” била договарана во Варна уште пред две години. Не се реализирала зашто, во меѓувреме “во сила” стапи забраната за влез на туѓинци во мантии. Штом влегоа сега, значи дека забраната е укината. После се, ни останува да заклучиме дека во практиката почна да функционира договорот меѓу претседателот Бранко Црвенковски и српскиот патријарх Павле. Да потсетиме: Црвенковски, по повод 60-годишниот јубилеј на АСНОМ, побара од СПЦ наша официјална делегација да го посети манастирот “Св. Прохор Пчињски”. Патријархот се согласи, но не пропушти јавно да потсети на условите што “другата страна” треба да ги исполни. Прво – државните органи на Македонија да им дозволат на епископите, свештениците, монасите и монахињите на СПЦ слободен влез, поминување и престој во нашата земја (тоа веќе се случи!), второ – да се обврзат дека нема да дозволат никаков облик на дискриминација на припадниците на другите Цркви и верски заедници и, трето – да се обврзат дека ќе престанат со прогонот на “канонската ерархија на Охридската архиепископија и нејзините свештеници, монаш тво и верници” и оти ќе овозможат нејзина регистрација согласно позитивните прописи на РМ. Под исти услови како и за другите верски заедници во земјава. Според редот на нештата, треба ли наскоро да очекуваме и регистрација на “Православната охридска архиепископија”?