Во салата за предавања и проекции на Музејот на современата уметност во Скопје денеска и утре (16 и 17 декември) со почеток во 13 часот, професорот Џејмс Елкинс од Чикаго ќе одржи две предавања насловени “Иднината на сликата” и “Отаде естетското и анти-естетското”.

Тој ќе се осврне на повеќе значајни прашања кои се однесуваат на актуелните дебати околу улогата на современата уметност, историјата и теоријата на уметноста и теоријата на сликата.

Предавањата на Џејмс Елкинс во Скопје се дел од проектот насловен „Сликовни перспективи: Надминување на бинарноста”, инициран и организиран од Владимир Јанчевски, на чија покана во периодот 15-18 декември Елкинс ќе престојува во Македонија.

Елкинс е професор на Школата на Уметничкиот институт во Чикаго и еден од најзначајните историчари и теоретичари на уметноста во последните две децении.

По предавањата публиката ќе има можност да поставува прашања и да поразговара со гостинот.

Проектот се реализира во соработка со Центарот за визуелни студии – Скопје, а поддржан е од Министерството за култура на РМ.