Демонстрантите во Софија блокираа две големи раскрсници на 22. ден од протестите против бугарската влада, пренесува БТА.

Собраните демонстранти поставија десетина шатори на Орловиот мост, додека други осум шатори беа поставени во близина на резиденцијата на претседателот, каде што утрово имаше околу десетина демонстранти.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека се очекува сериозен сообраќаен метеж во текот на денот низ бугарскиот главен град и дека разговорите со демонстрантите не биле успешни.

Синоќа во Софија беа блокирани четири или пет раскрсници. Сообраќајот продолжи дури по долгите разговори со полицијата и ниеден од демонстрантите не беше уапсен.

Бугарските политичари ги повикаа демонстрантите на дијалог, на почитување на законот и да не го блокираат сообраќајот.

Адвокатот Николај Хаџигенов, еден од организаторите на протестите, изјави за Бугарското национално радио дека блокадата ќе продолжи и во иднина и дека ќе се преземаат нови активности секој ден сè додека не се собори владата.

извор: Makfax