Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина испрати протестна нота до македонската амбасада во Босна и Херцеговина заради спорната поштенска марка со мапа на Независната Држава Хрватска (НДХ), која ја вклучува и територијата на БиХ.

Министерството изрази загриженост за поштенската марка и оттука велат дека се надеваат оти станува збор за ненамерен пропуст од страна на поштата, кој ќе биде остро осуден од македонската Влада.

Министерството ја посочи посебната тежина на овој чин затоа што доаѓа на денот на одбележување на 75-годишнината од победата над фашизмот и Денот на Европа, кои се сведоци на период на мир и просперитет по идеолошките креации кои ги тероризираа и разделија граѓаните на Босна и Херцеговина и покрај нејзината историска инклузивност и мултиетничност.

„МНР на БиХ позитивно гледа на извинувањето испратено АД „Пошта на Северна Македонија“ за, како што велат, ненамерната грешки, и на нивна одлука да ја повлечат марката од тиражот, што ги разбуди духовите од минатото што предизвика страдање на стотици илјади невини жртви. Затоа, Министерството изразува надеж дека овој несреќен настан во обид да се ревидираат историските факти нема да влијае на исклучително добрите и развиени билатерални односи меѓу нашите земји“, се вели во протестната нота.

Претходно вчера, со цел да се изрази благодарност за Хрватска која во моментов претседава со ЕУ, на 6.000 поштенски марки се најде националистичката карта на „Голема Хрватска“. Веста веднаш беше проследена со реакции во јавноста, а српското Министерството за надворешни работи му врачи протестна нота на македонскиот амбасадор во Србија. Од АД „Пошта на Северна Македонија“, се извинија и ја повлекоа марката. Велат дека станува збор за ненамерна грешка. По гафот одржана била итна седница, на која покрај поништувањето на тиражот, донесена е и одлука за разрешување на раководителот на Бирото за филателија и одлука за разрешување на Советот за поштенски марки.

извор: Makfax