Албанската опозиција излезе на протести пред владата во Тирана против политиките на премиерот Еди Рама. Полицијата е распоредена во центарот на главниот град на Албанија. Протестите ги предводат демократите, кои тврдат дека Албанија се претворила во земја на дрогата, на украдените избори и илегалниот парламент.

Ова е уште еден обид на опозицијата да ја раздрма власта на социјалистите на Еди Рама. Опозицијата протестира поради сиромаштијата, економската криза, проблемите во правосудството, но и фактот дека Албанија во последните месеци е во центарот на вниманието поради големото производство на марихуана.

Освен демократите, протестот го поддржуваат и ЛСИ – Социјалистичко движење за интеграција.

Американската амбасада во Тирана вчера ги повика американските државјани, кои претстојуваат во Тирана, да ги избегнуваат местата на кои ќе биде организиран протестот.

В.М.

извор: Makfax