Прославен 28 август – Денот на рударите
БИТОЛА.- Вработените во рудникот “Суводол” на РЕК “Битола” вчера на пригоден начин го прославија 28 август, Денот на рударите. На свечената седница на колективот присуствуваше директорот за производство на ЕСМ, Стојко Мојанчевски, генералниот директор на РЕК “Битола”, Милчо Литовски, а извештај за досегашните постигања во експлоатација на јаглен од инсталираниот систем и откривка поднесе директорот на рудникот, Васко Стојановски.
Притоа тој рече дека во работата на јагленовиот систем постигнатите резултати се за 16 отсто поголеми од минатогодишните, а во откривка на јаловина за 17 отсто. Рудникот “Суводол” има зацртано своја програма, која успешно ја остварува и со поврзување на новиот коп на потегот Брод – Гнеотино, ќе може да се продолжи работата на битолските термоцентрали, чиј капацитет е 675 мегавати за наредните 25 години.
На 30-тина работници, кои во исполнување на производствените задачи постигнаа најдобри резултати, им беа доделени награди и признанија, а награди се доделија на поединци и екипи кои што освоија највисоки места во спортските натпревари што се организираа по повод празникот на рударите. (П.С.)