Оваа институција денеска излезе со публикацијата „Градежништвото во Република Македонија 2010-2014″, во која е наведено дека просечната цена на становите за кои е договорена изградба од деловни субјекти се намалила за преку 11% во обработениот период. Па така, ако во 2010 година просечната продажна цена на становите изнесувала 52.125 денари за метар квадратен, лани таа на национално ниво била 46.505 денари за метар квадратен.

Покрај во делот на цената, негативни статистички резултати се забележани и кај бројот на завршени станови во изминативе години. Во 2014 година била комплетирана изградбата на 5.356 станбени единици, или за 18% помалку во споредба со претходната година. Ваквите статистички показатели се слични на 2010 година, период за кога е констатирано дека биле целосно завршени 5.152 станбени единици. Паралелно со ова, бројот на незавршени станбени единици расте во текот на 2014 година, споредено со годината пред неа. Лани на територијата на целата земја останале недоградени 4.921 станови, наспроти регистрираните 4.876 станбени единици како незавршени за целата 2013 година.

Во објавената публикација на Државниот завод за статистика се појаснува дека скопскиот регион останал најатрактивен за инвестирање помеѓу деловните субјекти и индивидуалните лица во делот на изградбата на нови станбени објекти. Истовремено, статистичките податоци покажуваат континуитет и кај еден друг индикатор – површината на новоизградените станови. Инвеститорите и понатаму се одлучуваат да градат најмногу двособни и трисобни станови во колективните згради.

Билд