Вработените во образованието, науката и културата ќе протестираат на 24 мај ако Владата при исплатата на личните доходи не се придржува кон Спогодбата за утврдување на најниската плата во образованието. Дојчин Цветановски, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) тврди дека Владата не ја почитува Спогодбата. “Вчера било повлечено од училиштата упатството за подготвување на списоците за плата според Спогодбата. Се доставило ново упатство со кое се врши селективна примена на колективниот договор. Со него се укинува коефициентот за класните раководители со што нивните плати ќе се намалат за 700 денари. Нови коефициенти има и за професорите кои предаваат стручни предмети во средните училишта”, реагираше Цветановски. Тој тврди дека во март се извршени измени во Законот за образование со кои се предвидува наставниците со одделенска настава да ја држат наставата во нултата група предвидена со воведувањето на деветолетка наместо наставниците со завршена воспитна група на Педагошкиот факултет. “Со овие измени ќе се појави технолошки вишок во градинките”, рече Цветановски, кој го обвинува Министерството за образование бидејќи по 30 години ја укинува целодневната настава. За опстојување на наставата биле собрани и 18 000 потписи од родители од Скопје. Цветановски вчера побара и оставка од министерот за труд Стевчо Јакимовски бидејќи го регистрирал новоформираниот Мултиетнички синдикат за образование при ССМ. (А.Се)