Дали последната волја и тестаметот на Александар Велики се конечно откриени по повеќе од 2000 години? Лондонски експерт тврди дека ги пронашол во древен текст кој со векови ни бил пред очи, но се досега бил сметан за рано дело на фикција, пренесува Блиц.

Долго отфрланиот тестамент ги открива плановите на Александар за иднината на грчко-персиската империја со која владеел, каде сакал да биде погребан и кој треба да го наследи неговото богатство и моќ.

Доказите за неговата последна волја се пронајдени во ракописот познат како “Александрида” или “Роман за Александар”, кој ги опишува легендарните освојувања на Александар. Најверојатно се собрани во текот на 100 години по смртта на Александар и овие приказни содржат непроценливи историски фрагменти за освојувачките походи на Александар во Персиското царство.

Историчарите долго време веруваа дека последното поглавје од Александрида е политички памфлет кој ја содржи последната волја на Александар, но досега сметаа дека е измислен.

Сеопфатната студија на експертот Дејвид Грант наведува на заклучок дека тестаментот е заснован врз оригинален текст, но дека е изменет поради политички причини.

Во книгата “Потрага по изгубениот тестамент на Александар Велики” Грант изнесува убедување дека најмоќите генерали на Александар го сокриле оригиналниот тестамент затоа што тој како наследници ги одредил неговиот нероден син Александар Четврти, кој бил полуазиец, и постариот син Херакле.

Генералите не сакале да се помират со тоа власта да им припадне на мешани наследници, па затоа меѓусебе се бореле за власт за време на граѓанската војна позната како “Војни за наследството”.

Грант е убеден дека по смртта на АЛександар оригиналниот тестамент е изменет и по наредба од еден од генералите е делен како леток, како “доказ” дека тој е легитимниот наследник.

Ако Грант е во право, тоа би значело поништување на 2000 години академски студии за оваа тема.

-Пропагандата и политичкиот призвук на памфлетот фрла сериозен сомнеж за автентичноста на тестаментот, кој во одреден момент влегол во книгата со приказни која ни е позната како “Роман за Александар Велики”, вели тој додавајќи дека потоа тестаментот бил осуден да стане бајка.

-Но, моите истражувања ме наведуваат на шокантен заклучок дека, иако е изменет, тој е заснован врз оригиналниот тестамент на Александар Велики, додава Грант.

Сокривањето на тестаментот, како и тврдењата дека Александар на смртната постела не давал никакви упатства, или дека ги охрабрил генералите да се борат за власт над империјата така што на прашањето кому му го остава царството ги изговорил прочуените зборови: “На најсилниот!” им дале легитимитет на нивните постапки, насилството и сојузите во годините по неговата смрт.