Машки труп во фаза на распаѓање завчера испливал на површината на Смилковското Езеро, во атарот на скопското село Смилковци. Кај местото Пумпи телото во водите на езерото го забележал 24-годишен скопјанец, кој ловел риба на езерото. Тој и неговиот пријател веднаш ја известиле полицијата.

Според полицијата околу 13 часот Б.П. (24) во полициската станица Гази Баба пријавил дека на површина на Смилковското Езеро, попознато како Железарско Езеро, пливал машки труп. Имено, Б.П. и негов пријател околу 12,20 часот, на импровизирани чамци направени од камионски гуми, ловеле риба на езерото и го забележале човечкиот труп. Телото било свртено на грб, а му се гледале само грбот и нозете, и можело да се забележи дека е облечен во костим за капење. Двајцата рибари со весла се обиделе да го превртат телото и да го извадат од езерото, но откако увиделе дека ќе пропаднат заедно со лешот, се откажале од намерата и пријавиле во полиција.
По пријавата полициска екипа пристигнала на местото на настанот и веднаш била известена и противпожарна екипа, којашто веднаш по пристигнувањето со гумени чамци и кука се обидела да го извлече телото. Поради сосотојбата на распаѓање не било возможно да се изведе таквата акција, па бил повикан тимот на Единицата за специјални задачи при МВР.

Полициската екипа со весла и чаршав успеала да го извади телото од вода.
Како што дознаваме, телото било речиси целосно деформирано од водата, па поради тоа првично не можело да се утврди кога и како починало лицето. Било невозможно да се открие и идентитетот, затоа што човекот на себе имал само костим за капење, а полицијата извршила пребарување околу езерото и неговата околина и не пронашла никакви лични работи ниту, пак, документи кои би помогнале за идентификација на трупот.

По налог на истражен судија телото било предадено во Институтот за судска медицина на обдукција. Се очекуваат резултатите за времето и начинот на смртта и идентификацијата.