Промоција на книгата раскази на Атанас Чупоски Старинарница „Балкан” ќе се случи вечерва во МКЦ – Клуб и ресторан, од 19.30 часот. За книгата ќе зборуваат писателите Владимир Мартиновски, Васко Марковски и Влатко Галевски, а како музичка придружба ќе настапат авторот Атанас Чупоски (на кавал) и промоторите Владимир Мартиновски (на тамбура) и Васко Марковски (на мандола).

-„Книгата е настаната како амалгам меѓу фактот и фикцијата, документарното и имагинарното, историјата и фантазијата, јавето и сонот…”, пишува авторот во предговорот на книгата што ја сочинуваат 43 наративи кои допираат теми важни за македонската културна и политичка историја, велат од Магор.

„Низ една вешто водена интертекстуална игра, воспоставувајќи слоевит дијалог со многубројни историски, книжевни, теориски, теолошки, научни, фолклористички и публицистички извори, Атанас Чупоски нуди свои верзии на историските собитија, во кои се преплетуваат фактите и фикцијата во едно неразделно единство”, пишува Владимир Мартиновски во поговорот на книгата.

Атанас Чупоски (1969) е писател и синеаст, компаратист и филмолог, магистер на филолошки науки. Ги објавил книгите: Концерт на труба во дур (поезија, 2007), Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А. А. Тарковски (филмолошка студија, 2012) и Старинарница „Балкан” (раскази, 2014). Во периодиката објавил стотина студии, есеи, песни, раскази и публицистички текстови. Автор е на радиоемисии (Канал 103, „Без возен ред” на Радио Равел), ТВ-емисии и на седум документарни филмови. Работи како виш филмолог во Кинотека на Македонија.
Книгата е во издание на издавачката куќа Магор.