Министрството за земјоделство информира дека денеска (20 април) од 16 до 23 часот тутунопроизводителите можат да ги подигнат субвенциите за реколтата 2019, од банкомат под контролиран режим и списоци од МВР.

„Максималниот износ на средства кој ќе може да се подигне преку банкомат во текот на 24 часа е еднаков на дневниот лимит за подигнување готовина од дебитната картичка, што веќе е договорно утврден со банката чии услуги користи корисникот којшто ги подига средствата“, објаснуваат од министерството од каде додаваат дека за да се подигне готовина од добиените субвенции, потребно е картичката да е поврзана со сметката која била оставена за да се изврши уплатата.

Министерството за земјоделство, апелира, заради заштита на здравјето, при посета на банкомат, тутунопроизводителите да се придржуваат до препораките, односно да почитуваат соодветна раздалеченост од другите лица коишто чекаат во редот и да користат ракавици при употреба на банкоматот.

Оние тутунопроизводители кои имаат потреба од подигнување готовина, или од други причини не можат тоа да го сторат на банкомат и треба да ги подигнат субвенциите од шалтерите на банките, тоа ќе можат да го сторат банките во коишто се нивните сметки, во општините во коишто живеат, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето на тутунопроизводителот и тоа според следниот распоред:

• 21 април (вторник) презимиња кои започнуваат на А, Б, В, Г, Д;
• 22 април (среда) презимиња кои започнуваат на Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К;
• 23 април (четврток) презимиња кои започнуваат на Л, Љ, М, Н, Њ, О, П; Р;
• 24 април (петок) презимиња кои започнуваатна С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

Истовремено ресорното министерство известуваме дека во периодот од 21 до 24 април, во општините каде што живеат повеќето од тутунопроизводителите, со продолжено работно време oд 8 до 17 часот ќе работат филијалите и експозитурите на:

• НЛБ Банка: Прилеп, Битола, Радовиш, Велес, Струмица, Кочани, Кавадарци и Неготино;
• Стопанска банка АД Скопје: Прилеп, Битола (Широк Сокак), Радовиш и Струмица.

Во другите општини, филијалите на сите банки ќе работат според постојното работно време во овој период.

Во општините во кои банките ќе работат со продолжено работно време, за тутунопроизводителите движењето ќе биде овозможено до 18 часот.

Субвенциите за тутунот се веќе се на банкарските сметки на корисниците.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство и руралниот развој, исплати над 30 милиони евра на 19.050 тутунопроизводители за субвенции за тутунот од реколтата 2019.

извор: Makfax