Во рамки на проектот покрај Општина Кочани како водечки партнер ќе учествуваат основното училиште „Раде Кратовче” и Здружението за поддршка на економскиот развој – локална акциона група од Кочани како партнери од Република Македонија и партнерите од Република Бугарија – Општина Пазарџик, училиштето „Свети Климент Охридски” и невладината “CSEG”.

Целта на проектот е со помош на современи и иновативни методи на ИКТ настава, учениците во основните училишта во Кочани, Република Македонија и Пазарџик, Република Бугарија подобро да се запознаат со искористувањето на обновливите извори на енергија, енергетска ефикасност, заштита на животната средина и нивното значење.

– Наставниците од ОУ „Раде Кратовче” од Кочани и ОУ „Св. Климент Охридски” од Пазарџик, во рамки на проектот, ќе бидат обучувани како во склоп на секојдневната настава по својот наставен предмет да ги запознаат учениците со искористувањето на обновливите извори на енергија, енергетска ефикасност и заштитата на животната средина со примена на веб алатки, изјави Елена Димитровска, помошник раководител на Сектор за планирање и развој во општина Кочани.

Обучените наставници своето знаење треба да го пренесат на останатите наставници во училиштето и да го презентираат на завршните настани пред наставниците од останатите основни училишта во градовите Кочани и Пазарџик. Со проектот ќе бидат изработени и соодветни наставни помагала во вид на прирачници за начините и методите на искористување на погоре споменатите алатки.

Како дел од проектот, општините Кочани и Пазарџик ќе изработат Стратегија за развој на соработката во образованието помеѓу училиштата од Кочани и Пазарџик.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 96.530 евра, и истиот се планира да заврши до септември 2017 година.