Во Агенцијата за медиуми којашто ќе се основа во согласност со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да има член и од Асоцијацијата на локални и регионални медиуми, да се зголемат ингеренциите на Советот, а да се намали моќта на директорот на Агенцијата. Во случај на прекршување на Законот Советот да има поголема надлежност при поведување на санкции, а не директорот, годишниот финансиски извештај за работата на Агенцијата да биде доставен до Собранието на разгледување.

Ова се дел предлозите на продолжението од амадманската комисиска расправа за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми кои се на второ читање во Собранието. Поголемиот број од амандманите, над 100 за двата закони, се предложени од опозицијата.

Од СДСМ обвинија дека со вака предложените законски решенија новоформирата Агенцијата за медиуми, односно само еден човек, ќе го контролира работењето на сите медиуми во земјава и на тој начин Агенцијата ќе игра улога на медиумска полиција која ќе ги заплашува газдите и новинарите. Според нив, со ова агенција ќе има контрола врз сите медиуми, вклучувајќи ги и електронските и печатените. Забележаа исто така дека во законот нема дефиниција за тоа што е издавач.
– Сметаме дека на директорот не смееме да му дадеме право да отвора и затвора медиуми по свое убедувања. Советот е тој што треба да одлучи за какви било мерки по однос на прекршување на законот. На овој начин му се даваат преголеми ингеренции на директорот. Затворањето на медиуми, казните и санкции мора да бидат во надлежност советот на агенцијата, рече пратеникот Благој Стојковски од СДСМ.

Според министерот за информатичко општество Иво Ивановски, седумте членови на советот ќе го избираат и разрешуваат директорот во зависност од неговата работа, а стручните служби ќе изработуваат извештај за директорот кој советот ќе го разгледува.
-Според постоечкиот член на Законот, директорот доставува предлог со Советот за одземање на дозвола или поведување на санкциона постапка, образложи министерот за информатичко општество Иво Ивановски на предлозите на опозицијата кои беа отфрлени. Бурна дискусија предизвика амандманот на членот 23 поднесен од ВМРО- ДПМНЕ, кој се однесува на мерки кои ќе бидат превземени врз медиумите за непочитување на законот: опомена, прекршочни пријави, кривични пријави и бришење од регистар.

На ова министерот за информатичко општество одговори дека надлежноста врз електронските публикации е само административна, а не и програмска.
– Интернет медиумот ќе мора да биде пријавен во Централен регистар и да има импресум, а Агенцијата ќе нема надлежност сама да реагира, туку само по пријава на граѓанин, истакна Ивановски.

Дел од поднесените амандмани од СДСМ беа повлечени, дел беа одбиени.
Прифатен беше амандманот на опозицијата советот на агенцијата да дава одобренија за имотот на регулаторното тело и да одлучува за вработувањата и отпуштањата, наместо директорот. Исто така беше прифатен и амандманот со кој опозицијата предлага директорот на агенцијата да не биде известен дека за него се води постапка за разрешување, како што беше предвидено со текстот, туку да остане делот со кој се предвидува тој да може да се брани пред советот на агенцијата. Претходно не беше прифатен амандманот на опозицијата советот на агенцијата да ги издава дозволите за работа на медиумите, а не директорот.

За Законот за аудиовизулени услуги се поднесени 94 амандмани. За предлог Законот за медиуми има поднесени околу 30 амандмани .

Како што налага деловникот, амандманите треба да бидат разгледани до денеска, по што законите ќе бидат ставени на Законодавно правната комисија и потоа на пленарна седница на која пратениците конечно ќе се произнесат.
(Ал.С)

ЗНМ призна дека Законот за медиуми е според европски регулативи?
Здружението на новинари на Македонија на чело со Насер Селмани пред два дена поднесоа амандман во зврска со Законот за медиуми, со кој се бара законот да стапи во сила откако Македонија ќе влезе во ЕУ.

Кај новинарската фела веќе некое време постои различно толкување за Законот за медиуми. ВМРО-ДПМНЕ и повеќето здруженија и организации на новинари сметаат дека овој Закон е европски и воопшто не го оспорува правото на слобода на говорот, додека СДСМ, ЗНМ и медиумите финансирани од фондацијата СОРОС остро се спротиставуваат на овој закон, пренесува Курирр.

Со самото предложување на амандман Законот да стапи во сила после влегувањето на Македонија во ЕУ, Селмани и ЗНМ признаа дека овој Закон е според сите европски регулативи. Ако овој Закон е добар да стапи во сила откако ќе влеземе во ЕУ, зошто не би бил добар да стапи во сила сега?

Зачудувачки е како тоа Законот сега е спорен, а нема да биде спорен откако ќе влеземе во ЕУ. Доколку овој Закон е според сите европски регулативи многу покорисно за земјата е да биде имплементиран додека државата сеуште не е влезена во ЕУ.