Руско-македонската фармацевтска компанија Продисс почна со извоз на рускиот пазар, најпрво на органски и конвенционални цералии ДанкаДД, а се подготвува и пласманот на органски и билни чаеви Максанн. Органските мултивитамини и минерали БИО Санвитт ќе се извезуваат во вториот квартал на 2013 година.
– Извезуваме производи чија вредност е 100.000 евра. До крајот на овој месец е предвидено да извеземе производи во вредност од 150.000 евра. Компанијата претставува значајна гринфилд инвестиција за Република Македонија. Работи согласно највисоките стандарди за квалитет, ГМП, ИСО и ХАСАП. Со ова можеме да ја означиме и потврдиме успешноста на инвестицијата и воедно, ова би бил додатен мотив за странските инвеститори да го вложуваат својот капитал во Македонија – соопштија од Продис.

Компанијата, единствена од ваков тип во Македонија и на Балканот, е дел од рускиот фармацевтски холдинг Протек групп. Почна со работа на 31 октомври лани како една од производствените фабрики во технолошко-индустриската развојна зона Бунарџик”.
Продисс чие отворање беше највено како инвестиција од 8 милиони евра, креира високо-квалитетна палета конвенционални и органски производи, чаеви, пченкарни снегулки и мусли, конвенционални витамински препарати и хомеопатски лекови и козметика. Пласира палета производи кои ги задоволуваат потребите на модерниот човек, а воедно се прилагодени на условите на современиот живот и лесно достапни за потрошувачите ширум светот.

Протек групп е еден од најголемите фармацевтски холдинзи во Русија што се занимава со производство, дистрибуција и трговија на лекови и козметика. Вработува 12.000 луѓе и има годишен обрт од четири милијарди долари.