“Не пробувајте да ја одложите продажбата, бидејќи ќе ги загубите дуќаните. Почитувајте ги условите и роковите за продажба, затоа што Владата нема намера да ги менува”, со овие зборови претседателот на Здружението на закупци и акционери во ГТЦ, Драган Кировски им се обрати на триесетина дуќанџии на вчерашното Собрание на акционери на ГТЦ, на кое стана збор за текот на продажбата на локалите во овој најстар трговски центар во земјава. Кировски ги опомена дуќанџиите да се придржуваат до утврдените рокови за уплата, пред се на рокот за уплата на авансите од 15 отсто што завршува денеска, а потоа и на целокупната доплата во наредните 60 денови. -“Наша обврска е да ве опоменеме, а сега ред е на вас да се растрчате и да најдете пари за купување на дуќаните. Според наши информации Тутунска, Комерцијална, Стопанска и ИК банка се подготвени да ве кредитираат при купувањето на дуќаните”, рече Кировски. Дуќанџиите побараа да се упати барање до раководството на АД ГТЦ додека не ги откупат локалите да бидат ослободени од плаќање закупнина, бидејќи својата сериозна намера дека ќе ги платат дуќаните ја покажале со уплатата на авансот. Тие прашаа дали има шанси дел од парите што ќе бидат добиени од продажбата на локалите, да бидат искористени за реновирање на ГТЦ за кој сметаат дека се наоѓа во лоша состојба. На собранието се проговори и за плановите за одржувањето на ГТЦ во наредниот период. Кировски ги информираше дека договорите за одржување кои ќе бидат склучени заедно со купородажните договори предвидуваат секој дуќанџија да плаќа по пет евра од квадратен метар за оние локали што се комплетно опремени со греење и клима, односно 2,2 евра за останатите дуќани. (С. Бл.)