Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување на истрага против 27-годишна државјанка на Турција заради криумчарење на златен накит во вредност од над 11 милиони денари.

Како што информираат од обвинителството, осомничената на 18 декември, околу 20 часот на аеродромот во Скопје, избегнувајќи ја царинската контрола пренела непријавена стока – накит од бело злато и тоа дваесет и едно парче накит со вкупна тежина од 380.50 грама, кои имаат вредност од 11 милиони и 106 илјади денари.

Таа откако пристигнала со лет од Истанбул, се упатила кон излезот на преминот каде поминуваат патници кои немаат стока за пријавување. При селекција од страна на царинскиот службеник и преглед на личниот багаж била пронајдена непријавената стока.

Дваесет и седумгодишната Турчинка се товари за сторено кривично дело „криумчарење“.

Јавниот обвинител кој постапува во предметот оценил дека се исполнети законските основи, па доставил предлог за определување на мерка притвор за осомничената. Основниот суд Скопје 1 го прифарил предлогот и против осомничената определил притвор во времетрење од триесет дена.​

 

извор: Makfax