Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничено лице кое синоќа пукаше и уби едно лице, а рани друго за време на расправија во продажен објект во скопската населба Тафталиџе.

„На 20 декември, на улица „Московска“ во Скопје, осомничениот неовластено држел огнено оружје – пиштол марка „Чешка Зброевка“ модел VZOR 50 cal калибар 7.65. Со оружјето со умисла лишил од живот едно лице, а уште едно се обидел да лиши од живот. Кога оштетените татко и син дошле пред дуќанот на осомничениот и почнале да тропаат на вратата, упатувајќи му закани да отклучи и да излезе надвор за да ги решат меѓусебните недоразбирања, тој без да отклучи го извадил пиштолот кој го држел без дозвола и го насочил кон нив. Во тој момент тие се оддалечиле, па осомничениот ја отклучил вратата, мислејќи дека си заминале. Тогаш ги забележал како повторно се приближуваат, па пак влегол во дуќанот и го зел пиштолот и започнал да пука кон нив. Еден од оштетените починал на лице место, додека другиот се здобил со тешки телесни повреди – огнострелни рани во пределот на десниот колк и абдоменот“ се наведува во соопштението на обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител процени дека во конкретниот случај се исполнети законските основи, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.​

извор: Makfax