Педесет и петгодишен велешанец е приведен под сомнение дека ја нападнал и ја силувал сосетката.

Според информациите на МВР, вчера бил уапсен М.С.(55) од Велес, поради сомнение дека извршил обљуба врз 64-годишна жителка на Велес, која околу 11 часот го пријавила случајот во Полициска станица Велес.

Според информациите на обвинителството, сомничениот во два наврати со употреба на сила извршил обљуба врз жената.

„На 17.9.2020 околу 22.00 часот, осомничениот, кој и бил сосед на жртвата, се префрлил преку оградниот ѕид од улицата, влегол во дворот од куќата, па откако оштетената ја отворила влезната врата, тој влегол внатре и употребувајќи сила го извршил кривичното дело. Следниот ден, околу 11.30 часот, на истиот начин, го повторил кривичното дело“, соопшти Обвинителството.

Судот му определи притвор во траење од 30 дена.​

извор: Makfax