Рано утринатава на охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле” пристигна првата група туристи од Брисел. Со првиот лет Брисел – Охрид со тур-операторот Томас Кук пристигнаа 120 патници . Според најавите, се до средината на септември овие чартер летови ќе оперираат еднаш неделно, во понеделник, со време на пристигнување во Охрид во 8:20, а поаѓање за Брисел во 9:10часот.

Серхан Карахатај, маркетинг – координатор во ТАВ Аеродроми во Итанбул, оптимистички верува дека најголемиот европски тур-оператор ќе донесе бројни гости во Охрид од многу земји.

– Силно веруваме дека летовите од Брисел ќе бидат следени со нови летови од други земји каде што Томас Кук оперира, како што се Холандија, Германија, скандинавските земји и Велика Британија, истакна Карахатај.

Портпаролот на Томас Кук, Коен ван ден Бош, истакна дека успехот да се биде лидер на пазарот во туристичкиот сектор е во прецизноста, креативноста и иновативноста.

-Денеска во Охрид повторно иновираме со воведување на нова дестинација во нашата понуда. Ново, можеби е погрешен збор за Охрид кој е населен од 6 000 та година пред Христа. Богатата историја, заедно со Охридското езеро како и националното богатство се вистинскиот белег на оваа дестинација, која многу убаво се вклопува во нашето портфолио, истакна Коен ван ден Бош.

За градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, воведување на нова авио линија од Брисел кон Охрид и обратно и соработката со туристичкиот гигант Томас Кук претставува силен импулс за развој на туризмот во Охрид и целиот регион.

-Со ова дефинитивно Охрид се поврзува со европската и белгиската престолнина Брисел и на листата ја ставивме уште една евро-дестинација со која што градот Охрид и целиот регион ќе може да комуницираат и да привлекува гости од овие дестинации. Дозволете ми да ја искажам својата благодарност до туристичкиот гигант Томас Кук, до ТАВ аеродроми, Фибула Травел и секако до Владата на Република Македонија , особено Агенцијата за промоции и поддршка на туризмот , за финално реализирање на оваа навистина значајна соработка со градот Охрид, која ќе претставува значајно зголемување на бројот на туристи и ноќевања во градот, придвижување на локалната економија и зголемување и на бројот на летови кон и од охридскиот аеродром. Она што е многу важно за нас поврзување со Европа и со светот, рече градоначалникот Бакрачески, додавајќи дека ваквата соработка ќе биде поттик за сите туристички работници во регионот.

Претходно на охридскиот аеродром отпочна новата линија Белград –Охрид, а воведени беа и чартер летовите од Тел Авив. Со сите нови дестинации , очекувањата се заживување на охридскиот аеродром и зголемување на бројот на туристи во Охрид.

О.С