Природниот гас од вчера поевтини за 0,6 проценти. Регулаторната комисија за енергетика на вчерашната седница одлучи кубен метар гас наместо за 20,241 денари, да се продава за 20,120 денари. Според Славе Ивановски, претседател на Комисијата цената е коригирана на барање на нафтениот дистрибутер “Макпетрол”. – Се работи за редовна квартална корекција на цената на природниот гас. Во следните три месеци големите потрошувачи на природен гас ќе плаќаат пониска цена и тие се задоволни од одлуката – вели Ивановски. Тој објаснува дека и покрај тоа што цената на суровата нафта на светските берзи последниве денови енормно порасна, според правилникот за утврдување на цената на природниот гас, пресуден е курсот на доларот. Курсот на оваа валута во изминатиов период се намали за 4,89 проценти и од 51,7 денари за еден долар сега чини 49,17. Од Регулаторната комисија информираат дека дистрибутерот “Макпетрол” гасот што го купува од Русија го плаќа во долари. Компанијата во купопродажниот договорот што го склучила со рускиот снабдувач “Гас експорт” од Москва утврдиле набавната цена на природниот гас да се формира на секои три месеци во годинава. (В.Ма.)