Природниот гас ќе поевтини за околу 0,6 проценти, тврдат од нафтената компанија “Макпетрол” пред денешната подготвителна седница на Регулаторната комисија за енергетика, на која во присуство на претставници на повеќе компании-корисници на овој енергенс ќе се крои новата цена. Од “Макпетрол” велат дека тие не доставиле барање за поскапување на гасот до Регулаторната комисија. Во моментов, 1000 метри кубни природен гас чини 20, 241 денари, а со намалувањето на цената тој би се продавал за 20,1 денар. – Ние не баравме гасот да поскапе. Станува збор за редовна квартална корекција на цената на овој енергенс којаошто се одредува врз основа на цената на нафтата и на мазутот. Веројатно дека цената на природниот гас ќе се намали за 0,6 проценти – прогнозираат во “Макпетрол”. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека ако има подготвителна седница, не значи дека ќе има и поскапување на природниот гас кој во земјава го користат околу 24 компании. Според Славе Ивановски, претседател на Регулаторната комисија при пресметката на цената ќе се земат предвид сите елементи што се користат при методологијата. Последното зголемување на цената на природниот гас изнесуваше 5,5 проценти, а од компаниите стравуваат дека повторно ќе има корекција на цената на гасот поради поскапувањето на нафтата и мазутот. Од фабриката за кондиторски производи “Европа” сметаат дека и сегашната цена на гасот е висока. Од таму велат дека пред четири години 1.000 кубни метри природен гас чинел 7, а сега е 21 денар, што е за трипати повеќе. – Ако ни се зголемат трошоците за производство ќе ги коригираме и цените на нашите производи. Мала предност за нашата компанија е што сега е лето и немаме дополнителни трошоци и за топлинска енергија. Во земјава плаќаме најскап гас, чија цена е речиси двојно повисока од цената на оној енергенс во Бугарија. И соседните земји со гас се снабдуваат од “Газпром, а сепак, не плаќаат толку висока цена. Нема причина повторно да се поскапува природниот гас – реагираат од фабриката “Европа”. На денешната подготвителна седница на Регулаторната комисија за енергетика своите аргументи против поскапување на гасот ќе ги изнесат претставниците на повеќето компании од земјава кои во работата го користат овој реагенс. Тоа се “Макстил”, “Скопска пиварница”, “Охис”, “Комуна”, “Жито Лукс” и други компании.


Валентина МАРЈАНОВИЌ