Убавината е императив за секоја жена. Поделбата на убави и грди жени веќе одамна е надмината, односно постојат негувани жени и оние другите. Само средената жена е самоуверена, а од задоволството од себе и сјајот во очите доаѓа како внатрешната така и надворешната убавина. Негуваната жена зрачи со самодоверба. Зошто само со неколку чекори, поточно козметички постапки, кои можете да ги направите како во салоните така и во домашни услови, да не бидете тип-топ. Редовната нега, која не бара многу време и која треба секоја жена да ја практикува, исполнува со чувство на пријатност, убавина и свежина, едногласни се Анета, Билјана и Мирјана, трите дами кои се сјајот на групата “Синтезис”. За да заблескате и вие со убавина искористете и применете некои од советите и третманите на Анета, Билјана и Мирјана, девојките кои ни го открија нивниот стил на негување, шминкање и дотерување како пред настапите така и за секојдневите излегувања. Тие се секогаш беспрекорни на сцената и во приватниот живот, подготвени да ја издржат офанзивата на летното сонце, суровоста на зимата. Но, љубопитните погледи на публиката, која иако оди на нивните концерти да се насладува со нивниот глас и песни, често знае да биде и критички настроена скенирајќи ги постојано и најситните мани и евентуални пропусти во негувањето.


Природна убавина
Како ја доживувате убавината како нешто што е од Бога дадено еднаш за секогаш или нешто што треба постојано да се одржува, дополнува, освежува за да се задржи?
БИЛЈАНА: Сметам дека убавината е нешто што е дадено од Бога. Таа може да се надградува и нешто малку од малку да се измени. Меѓутоа не сум за менување на целиот изглед, но ако има основа убаво е да се надградува и дополнува природната убавина. Има многу салони каде што можете да ја освежите убавината, но се што ќе се стави дополнително ќе биде вештачко и секогаш ќе се познава. Секако дека повеќе го ценам она природното. Убаво е жената да посетува салони и да се негува. Бидејќи ако не се одржува тоа што е дадено од Бога, може да се измени. Зависи како ќе ја дефинираме убавината. Има разлика од убавина до убавина. Но, пресудна е внатрешната убавина, тоа е нешто што не можеш да го смениш.
МИРЈАНА: Со денешниот современ начин на живеење, со сите достапни третмани и козметички салони и пластични операции навистина многу работи се менуваат, но сепак она што е природно дадено е добра основа за да го надградуваш. Убавината е многу релативна и сите поинаку ја доживуваме. Но, внатрешната убавина е таа што излегува на површина. Исто така, важна е и хигиената и негата. Секоја жена што внимава на хигиената, не толку на декоративната козметика, повеќе на препаративната, има негувана кожа.
АНЕТА: Во денешно време кога се прават најразлични корекции, не се согласувам дека секоја жена треба да биде како топ моделите, но не се согласувам со хируршките корекции. Сметам дека жената мора интензивно да се негува, пред се, поради најразличните надворешни влијанија, нечистиот воздух, штетното изложување на сонце. Сите тие третмани за освежување и разубавување треба да ги практикува секоја жена. Неопходно е лицето редовно да се чисти од нечистотија, да се негува изморената и истрошена кожа, да се потхранува. Не мора секогаш да се оди во салон на третман, може и дома сами да си ја направиме вистинската нега.


Маски од квасец, јајца, банана, магдонос…
БИЛЈАНА: Порано одев на третмани, но поради се поголемиот број обврски престанав. Но, затоа сама дома си подготвувам маски колку што ми дозволува времето. Отприлика еднаш неделно ставам маска на лицето, но готова. Порано ставав и маски кои сама ги подготвував, но при еден експеримент ми се исфрли целото лице. Но, секогаш претпочитам нега на природен начин. Кога ќе слушнам за некоја маска, ја пробувам и истрајна сум се додека не го добијам посакуваниот резултат. Еднаш експериментирав со маска од квасец со малку вода, која треба добро да се измати додека не добие средна густина за да се нанесе на лицето, но воопшто не ми годеше иако сите ја фалат. Обично ставам краставица за освежување на лицето. А за пегите имам користено кисело млеко со магдонос и лимон. Но, што и да слушнам експериментирам и испробувам. Исто така, често знам едниот крај од крставицата да го протријам со останатиот дел и течноста што ќе излезе да ја нанесам на лице да постои 2-3 минути и потоа го мијам лицето. А, за потхранување на лицето нанесувам една лажичка мед со неколку капки лимон за смесата да не биде многу течна и тоа се држи дестина минути. Сите кремови што се за чистење на флеки се на база на магдонос. Во принцип се што ќе чујам пробувам. Дури и не употребувам готови кремови од страв да не ми се случи нешто на лицето затоа што сум имала проблеми и сега сум повеќе на природни препарати.
АНЕТА: Еднаш неделно одам на козметичар за чистење на лицето, а од природните маски ја користам таа со квасец која се држи на лицето од седум до 10 минути. Но, доколку почувствувате дека кожата почнува да ве затега, или чеша, веднаш се отстранува со вода. Исто така, маската со изматена банана и јајце е многу убава за кожата, ја потхранува и ја прави еластична. Често знам лицето да го протријам со краевите од краставицата што се фрлаат. Веднаш се чувствува делотворноста на овие маски.


Колку време толку шминка Колку време ви треба да се подготвите за концерт?
МИРЈАНА: Се шминкаме во зависност од времето што ни е на располагање, ако имаме 2 часа, два часа седиме и ни текнува дека нешто треба да коригираме, ако имаме 15 минути и за 15 минути знаеме да бидеме готови. Ако немаме време, ако треба да пробаме пред концерт, излегуваме со минимум шминка само со пудра како подлога, па потоа во паузите се дошминкуваме. Обично секогаш имаме 30 минути само за себе да се подготвиме, знаеме што сакаме да постигнеме со шминката и сега веќе се испраксиравме и за многу кусо време сме готови. Исто така, и косите самите си ги средуваме.
АНЕТА: За концертите надвор од Скопје сме препуштени сами на себе, се снаоѓаме, а за оние во Скопје Еци е задолжена за шминката, за фризурата студио “Панаж”, а Ношпал ни ги прави костимите за настап.
Не се “шлепуваме” на популарноста
Колку на вас, како млади и убави ви помогнала убавината во животот?
МИРЈАНА: Никогаш не се знае колку убавината ти помага или одмага во животот. Ако се сметаме ние три за убави, а тоа е многу релативно, не сум почувствувала дека ми е некоја помош. Комплименти стигнуваат, но ние гледаме работите да си ги завршиме точно и коректно и да не чекаме ништо од никого. Всушност, не се оптоварувам многу со тоа како луѓето ме доживуваат. Има многу убави луѓе, на некои им се допаѓаш на некои не. Важно ми е јас да бидам задоволна од себе и тоа што треба да го постигнам. Никогаш не сум очекувала некој да ни даде нешто. Не сме опседнати со самите себе.
АНЕТА: Ниту популарноста не сме ја користеле, ако може да се каже дека сме јавни личности тука во Македонија. Никогаш не сум почувствувала некоја привилегија. Гардеробата ја прилагодувам во зависност со расположението. Знам да излезам и со патики и фармерки, но и да се дотерам и нашминкам, зависи од моментот. Може да ме видите и ептен нашминкана, но и без трошка шминка да отидам на работа.


Сцената е едно, приватниот живот друго
Обичните луѓе очекуваат лицата што ги нарекуваат популарни и ги гледаат на телевизија во секој миг и на улица, па и на настап да ги видат убави, тип-топ средени.
МИРЈАНА: Факт е дека публиката токму тоа го сака. Но ние популарноста наша не ја доживуваме така. Ние правевме имиџ на група, ниту една од нас посебно не се експонирала за да бидеме опседнати со тоа и да бидеме препознатливи. Дури ни се случува и да не не препознаат, ако сме трите заедно и ако одиме по ред по кој сме на сцената кога настапуваме, тогаш не препознаваат, но има прашања од типот “а, ти која беше?”.
БИЛЈАНА: Во ред е човек да изгледа беспрекорно кога ќе излезе, луѓето имаат формирано некое мислење и очекуваат тоа да го видат. Но, очигледно ние тоа не сме го сфатиле така, за нас сцената е едно, а приватниот живот друго и затоа никогаш не сме се оптоварувале со тоа. Буквално имаме јасна граница, тоа си е една работа ова е друга. Не е убаво ни човек да е толку оптоварен со изгледот.


Парфем во зависност од моментот
БИЛЈАНА: “Ескада” – магнетик и “Гучи” розовиот
АНЕТА: “Гучи” кафениот, “Живанши”- иредиктибл. Кога сме во фри-шоп ги пробуваме скоро сите парфеми за на крај да се решиме. Но, кога ќе се измешаат мирисите, тешко го наоѓаме вистинскиот.
МИРЈАНА: Досега сум сменила многу парфеми, во зависност од сезоната го одредувам и парфемот. Сметам дека најуниверзален парфем за сите сезони е “класик” на Готие.


Тренди девојки
БИЛЈАНА: Чевлите мене ми се составен дел од гардеробата, прво купувам чевли, па потоа други парчиња облека. Мислам дека го следиме трендот и ја прилагодуваме гардеробата на актуелната мода. Не се разликуваме многу од другите. Но, најмногу преферираме спортски парчиња, освен за некои настапи и коктели. Тоа е најчесто спортски стил усогласен со моменталниот тренд. Постојано сум со работите во автомобилот и се преоблекувам во зависност од приликата. Но секогаш мора да има некој интересен детаљ. Кога нешто ќе ми се допадне не ме интересира колку чини, знам само дека мора да го имам. Многу ми се допаѓа моментниот тренд со зелена боја, која ми е омилена.
МИРЈАНА: Мене омилен дел од гардеробата ми се фармерките, широки летни панталончиња. На работа сум задолжително во нешто елегантно, барем така си ја разбирам работата, работам комерција и маркетинг во “Горење”, со високи потпетици, за разлика од секојдневието кога најудобно ми е во патики, а на лето – влечки. Слабост ми се и памучните маички. Многу сакам високи потпетици, но ги носам за вечерни излегување, тоа ми е некако поим за женственост. Секогаш кога сме на гостувања се трудиме да купиме нешто поразлично, нешто што го нема тука, факт е дека многу е стереотипна гардеробата во Скопје. Мислам дека еден детаљ многу значи и го менува целосниот впечаток.
АНЕТА: Мој избор се фармерките, работам во комерција во “Кенди”, генерален застапник за “Ред бат”. На работа сум покласично облечена, но секојдневно сум полежерно и практично. На лето сум со маички во кои се чувствувам комотно. Се случило и на патувањата да потрошиме и цел хонорар на шминки, гардероба и парфеми, чевли, ташни.


Анета Ѓошевска Фото: Влатко Перковски