Полицијата го приведе Агим Исмаиловиќ, еден од обвинетите во случајот „Монструм“, откако денеска судот на барање на обвинителството му одреди мерка притвор.

– Лицето е обезбедено и ќе биде пренесено во КПУ Затвор Скопје, потврдуваат за МИА од МВР.

Во случајот „Монструм“, за петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени лицата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, се обвинети Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута. Случајот моментално е во фаза на доказна постапка, откако со одлука на Врховниот суд беше вратен на повторно судење во Кривичен суд Скопје. 

Исмаиловиќ (1979) среде денешното судење за случајот „Монструм“, инаку третообвинет, излегол од Судот и заминал во непознат правец. Ова дошло откако обвинителката Фатиме Фетаи побарала притвор за него и за обвинетиот Фејзи Азири, бидејќи како што наведе – кривичната постапка е при кај.

Според информациите на „Република“, 12: 15 часот, Исмаиловиќ побарал да го искористи тоалетот, станал и од судницата излегол без обезбедување. Без никој да го сопре, излегува од суд, по што му се губи трага.