Украинската полиција извршила претрес во приватна клиника која наводно продавала бебиња на Кина. Иако осомничените се обвинети за трговија со луѓе, сурогат-мајчинството е легално сиво подрачје во Украина.

Скандалозниот случај го откри Министерството за внатрешни работи.Полицијата открила прстен за трговија со луѓе кој бил концентриран на приватна клиника за репродукција во Киев.

Деталите за случајот ги сподели заменик-министерот за внатрешни работи Антон Герашенко на „Фејсбук“.

Во синџирот учествувале директорката на клиниката, нејзиниот син, како и двајца други украински државјани и тројца Кинези. Тие се обвинети за трговија со луѓе и се соочуваат со затвор до 12 години со конфискација на имот.

Повеќето клиенти биле самци, мажи од Кина со одредена ориентација, рече Герашенко.

Иако точниот број на бебиња жртви на трговија не е познат, најмалку 140 кинески државјани се под истрага, додаде тој.

Цената за едно бебе била околу 50.000 американски долари. Огромната сума опфаќала вештачко оплодување на сурогат мајка, правна поддршка и организирање на измислени бракови потребни за олеснување на шверцот на деца во странство, пишува „Раша тудеј“.

Не е познато дали мажите кои ги посвоиле се татковци на тие деца.

Инспекторите пронајдоа пет новороденчиња, за кои се верува дека се жртви на трговија со луѓе, во приватни станови низ украинската престолнина и ги сместија во породилишта.

Осомничените се обвинети за трговија со луѓе, но сурогат мајчинството не е регулирано со кој било закон во Украина и е во легално сиво подрачје. Бидејќи не е изрично забрането со закон, не е потребно ништо друго освен едноставен договор помеѓу сурогат мајка и потенцијални згрижувачки родители.

извор: Makfax