По денешното отворање на Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“ со филмската пародија „Блокбастер“ во Македонскиот народен театар, фестивалот утре продолжува со две претстави во Младинскиот културен центар.

Со почеток од 20 часот ќе се одигра претставатана Словенско младинско гледалишче „Идиоти“ во кино Фросина. Претставата настанува според сценариото на познатиот дански режисер Ларс фон Трир, а го поставува Нина Рајиќ, една од најартикулираните театарски гласови на младата генерација, заедно со посветена група театарски работници. Се работи за богат театарски материјал, кој во исто време е и смешен и критичен, луд и промислен, лесен и возбудлив.

Втората претстава за вечерта која ќе почне во 22 часот во Денсинг сала е „Има уште“ во продукција на Кунстлерхаус Муузонтурм, Германија. Додека комбинацијата на термини звучи сè уште контрадикторно за повеќето, феминистичкото порно зазема сè поголем простор во изминативе декади. Наместо да ги прифати истите стари стереотипи и сцени, феминистичкото порно цели кон тоа да опише различни луѓе и задоволства. Како што е потврдено од страна на феминистичките работници во порно индустријата, работата на феминистичкото порно вклучува етика на добри работни навики и услови, почит за изведувачите, стремеж да се портретираат сите изведувачи како имаат моќ во реализација на своите задоволства, како и непостоењето на феминистичко претставување без феминистички услови во продукција на филмовите.

Во склоп на придружната програма во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Сценографии 35“ на Крсте С. Џидров кој е еден од најистакнатите македонски сценографи од поновата генерација. Оваа изложба е резиме – ретроспектива на 35- годишната сценографска кариера на авторот, а на која ќе бидат изложени околу деведесет паноа со скици, цртежи и фотографии од претставите. Изложбата воедно претставува јубилејни 35 години од првата изложба на сценографии одржана 1985 година, заедно со Симе Узуновски во истата галерија во МКЦ во рамките на МОТ.

Во рамките на изложбата ќе бидат изложени и петнаесетина оригинални скици-цртежи изработени во комбинирана техника (туш, пастел, акварел).

По претставите ќе следува ди-џеј сет на Соња Исмаил во МКЦ Клуб Ресторан.

извор: Makfax