Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, во понеделник ќе пристигне во прва официјална посета на Северна Македонија, што воедно ќе биде и негова прва официјална посета надвор од Европската Унија. Сасоли ќе престојува во земјава два дена.

Тој ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и со претседателот Стево Пендаровски, ќе одржи средби и со лидерите на парламентарните политички партии, претседателот на Собранието Талат Џафери и ќе се обрати во Парламентот.

На почетокот на посетата, Сасоли ќе ја отвори Јуроп Хаус (Europe House) во просториите на Делегацијата на Европската Унија и ќе се придружи на дебатата со амбасадорот Жбогар и ученици од средни училишта на тема „Визијата на младите за ЕУ“.

Откако беше реновиран, поранешниот ЕУ Инфо Центар прерасна во Јуроп Хаус што ќе функционира како центар за млади и ќе нуди содржини кои се современи, привлечни и иновативни за младите. Јуроп Хаус ќе функционира како платформа која ќе биде отворена за сите млади од сите сфери на животот за да ги поврзува со други лица и можности и да разменат идеи за да развијат потенцијал. На дебатата со претседателот Сасоли ќе учествуваат ученици од Берово, Центар Жупа, Демир Хисар, Кавадарци, Кочани, Скопје, Струга, Струмица, Тетово, Валандово и Виница.

извор: Makfax