“Преселниците” ќе добијат “замена” на матичниот лекар?!
Пензионерите кои еден дел од годината не го минуваат во местото на живееење, веројатно, ќе добијат можност да изберат свој “втор” матичен лекар, кои ќе им ги обезбедува потребните услуги. Формално правно тој би бил замена за вистинскиот избран лекар во периодот кога тие “летуваат”. Целата работа, според Министерството за здравство, би можела да се реши со менување на одредбите во дел од правилниците и без измени во законската регулатива. На овој начин би се премостиле проблемите во здравствената заштита, пред се околу издавањето на рецептите за хроничните дијагнози (аптеките ги прифаќаат само рецептите потпишани од матичните лекари), со кои најчесто во летниот период, се судруваат пензионерите, но и другите осигуренции кои се селат од жешкиот асфалт во туристичките центри и другите “посвежи” региони на државата. Ваквиот вид на замена на матичниот лекар, би морало временски да се ограничи, со точно дефинирано место на престој на осигуреникот за да се спречи можноста едно лице да има повеќе матични лекари. Иницијативата за надминување на проблемите ја покрена Сојузот на пензионерите на Македонија по барање на своите членови.
Тие предлагаа измени во законската регулатива, меѓутоа ресорното министерство е на становиште дека поадекватно тоа ќе се премости со дополнување на подзаконските акти. Според Министерството за здравство, притоа осигуреното лице кое планирано го напушта местото на живење ќе треба да го извести својот матичен лекар, кој пак ќе треба да даде согласност да биде заменет со друг лекар од местото каде што ќе отпатува осигуреникот во определен период (најчесто станува збор за неколку месеци). Точниот број на осигуреници кои имаат потреба од ваква замена не е познат, но проценките укажуваат дека вакви преселби прави добар дел од пензионерската популација. (Р.Н.)