Премиерското место кочи се’!
Единстевна пречка за формирање на новата српска влада е неможноста на двете челни партии од демократскиот блок – ДС и ДСС да се договорат околу премиерското место. Значи, останува само дилемата: дали во кабинетот во Немањина 11 во Белград ќе седе Божидар Ѓелиќ или Воислав Коштуница? Наводно, и тука работите тргнале во позитивна насока, но засега се е стопирано поради ургентноста од вклучувањето во преговорите за статусот на Косово, тврдат неименувани високи извори од двете партии. Опозицијата контрира и тврди дека Косово е само изговор, бидејќи Тадиќ и Кошуница не можат дасе договорат за клучните работи.
Дека кадровските преговори се прекинати, потврдува и фактот дека двете партии не се договориле ниту за името на претседателот на новиот српски парламент, бидејќи и таа функција е во нивниот пакет. Нема ниту договор околу тоа кој од најстарите новоизбрани пратеници ќе ја води конститутивната седница на парламентот, како и седницата на која ќе се разгледува платформата за продолжувањето на преговрите за Косово.
Затоа и не е чудо, што претставниците од другите партии велат дека демократите се во паника и дека во моментов не знаат кој потег треба да повлечат. Ова го објаснуваат со нивното уверување дека една од главните причини за ваквата хаотична позиција е несогласувањето околу премиерското место.
На Млаѓан Динкиќ вчера му пукна, па изјави дека ако до март не се избере новата влада, Србија повторно ќе оди на избори.