Македонскиот премиер Никола Груевски, вчера во Ријад оствари средба со престолонаследникот на Кралството Саудиска Арабија, Салман Бин Абдулазиз Ал-Сауд. Оваа е прва официјална средба на ова ниво од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете држави, соопштија од владината прес служба. На средбата соговорниците изразиле подготвеност за продлабочување на заедничките односи и размениле мислења и ставови за интензивирање на економската и политичка соработка во повеќе области од взаемен интерес. Министрите за финансии на двете земји потпишаа Договор за одбегнување на двојното оданочување што дополнително придонесува за олеснување и поттикнување на можната соработка и трговската размената меѓу двете држави.

– Разговаравме и на повеќе други теми, како политички, така и економски. Разговаравме и за можностите за инвестирање од страна на компаниите од Саудиска Арабија во Република Македонија. Имено, оваа држава практикува својот капитал да го дисперзира насекаде низ светот купувајќи акции, вложувајќи во различни инвестиции и градби итн, така што од тој аспект ја претставив Република Македонија како одлично место за правење на бизнис, како одлично место за инвестиции, кажав кои се компании доаѓаат во Република Македонија, за да го привлечам вниманието и на оваа држава односно вниманието на компаниите од оваа држава дел од својот капитал во иднина да размислат и да го инвестираат во Република Македонија, изјави премиерот Груевски.

Истовремено, премиерот Груевски на средбата упати покана до престолонаследникот на Кралството Саудиска Арабија и неговите соработници да ја посетат Република Македонија.

Престолонаследникот на Кралството Саудиска Арабија Салман Бин Абдулазиз Ал-Сауд рекол дека ваквата посета придонесува за зајакнување и интензивирање на меѓусебната доверба и соработката.

– Саудиска Арабија е подготвена да соработува за различни проекти од областа на земјоделието, производството на храна, инфраструктурата, енергенсите. Истовремено, Саудиска Арабија ги поддржува и иницијативите за потпишување на договори со кои ќе се олесни и поттикне економската соработка и размена меѓу двете држави. Се надевам и на успешни бизнис форуми за што целосно ја имате поддршка на државните институции, но и волјата за поттикнување на соработката со приватниот сектор, изјави Салман Бин Абдулазиз.