Швајцарскиот филм “Скиците на Лу”, во режија на Лиза Балтер, со Лилиан Амуат и албанскиот актер од Косово, Дашмир Рустеми во главните улоги, премиерно ќе биде прикажан вечерва, во Кинотека на Македонија во Скопје, со почеток од 18 часот. Премиерата ќе се одржи истовремено во Скопје, Тирана и Приштина. Филмот претставува нежна и суптилна приказна за генерацијата која се плаши од љубов. Лу и Аро не сакаат да прифатат дека се поврзани повеќе отколку што се спремни да си признаат, барајќи ја слободата која ја негира нивната потреба од создавање семејство. Овој филм беше во селекција на минатогодишниот филмски фестивал во Цирих, а ќе се прикажува истовремено титлуван на македонски и албански јазик. Дистрибутер на филмот е Гејзер од Скопје.