Најновата премиера на Драмски театар Скопје, претставата „Хипноза на една љубов“, по текст на Душан Ковачевиќ, во режија на Димче Николовски, ќе биде изведена в четврток (12.11.2020) со почеток во 17:30 часот.

Нередовниот термин е поради препораката од Комисијата за здравство за непотребно излегување надвор по 21 часот.

Текстот „ Хипноза на една љубов“ од Душан Ковачевиќ досега бил изведен само во матичниот театар на авторот – Театар Ѕвездара – Белград, каде што се игра со огромен успех и тоа е негов најнов текст.

„Текстот ‘Хипноза на една љубов’ би можел да се нарече бајковито, тажна, магична комедија. Сите ликови во овој текст на Душан Ковачевиќ се добри , поточно добронамерни. Тој дел ја прави приказната бајка. Тагата која ја носат ликовите е од нивната осаменост затоа што нивните деца си заминуваат од своите домови и одат во туѓина. Тоа што овој текст го прави голем е начинот на кој авторот ја пренесува болката така што слушателот и гледачот го тера да се насмее. Магија“, вели Катарина Коцевска Хаџи Василева

„Морате да верувате дека вашата работа некого ќе израдува и дека некој кога ќе излезе од театарот ќе биде поубав отколку кога влегол да ја гледа вашата претстава. И уште ако тој некој за приказната од ашата работилница помисли или каже: Боже, колку беше ова добро! – вие сте направиле чудо, сте создале за миг „нов човек“ кој доживеал малку среќа во светот на сопствената и планетарната депресија“, вели Душан Ковачевиќ.

Во претставата играат Драган Спасов – Дац, Маја Вељковиќ Пановска, Соња Стамболџиоска, Ѓокица Лукаревски, Димитрије Доксевски и Филип Трајковиќ.

извор: Makfax