Секторот за играна програма на МТВ вчера и премиерно го најави емитувањето на играната серија под наслов “Обични луѓе” во 10 епизоди во траење по 45 минути. Тв премиерата е закажана за во недела 24 април, со почеток во 19 часот на Првиот канал на МТВ. Носител на проектот е Секторот за играна програма на МТВ, сценарието на Бранислав Димитров, а одговорен за режијата е Томислав Алексов. Обичните луѓе ќе ги глумат Петар Арсовски, Катарина Коцевска, Никола Ристановски, Драгана Костадиновска, Нино Леви, Софија Куноска, Славиша Кајевски,Марија Спирковска, Митко Апостолов и многу други.” Не постои опасност дека сме направиле “ремек-дело”, но искрено се надеваме дека сме запалиле искра надеж и дека ќе ја намалиме осаменоста на многу луѓе кои животот се повеќе го доживуваат како рубиконова коцка!”-изјави на промоцијата сценаристот Братислав Димитров. Одговорниот уредник Оливер Бранковиќ, пак, изјави дека се надева на добар прием кај гедачите, со оглед на напорот и трудот кои ги вложи целокупната актерска и техничка екипа, во текот на минатите четири месеци колку што траеше снимањето и срдечно им се заблагодари на сите присутни гости, по што следеше прикажување на првата епизода од серијата. Присутните со внимание ја проследија епизодата, што навистина најавува дека целата серија ќе доживее успех. Токму со серијата Обични луѓе, Македонската радио телевизија го најавува својот стратегиски концепт за пообемна и разновидна играна и друга програма, иако поради презафатеност со трансформација и реорганизација, и финансиските и технички проблеми, МРТВ не беше во можност да реализира пообемна играна продукција.
(К.С.) Фото: А.Ивановски